Македонско спелеолошко списание (МСС) претставува списание со научно-популарен карактер, во кое се објавуваат информации за спелеолошки истражувања, научни трудови за карстот и пештерите, како и информации за новости и достигнувања во техниките на совладување како и истражување на пештери и пропасти.
Целта на ова списание е да допринесе кон дисеминација на резултатите од спелеолошките истражувања во Македонија, преку авторски заштитени трудови, како и доближување на светските достигнувања од областа на карстологијата и спелеологијата кон македонската спелеолошка фела. Списанието е наменето како за научните работници во областа на спелеологијата, така и за спелеолозите истражувачи предводени од спелеолошките клубови и друштва во Македонија. Текстовите кои се објавуваат во МСС обработуваат теми од различни дисциплини на спелеологијата и карстологијата (карстна геоморфологија, геологија, спелеоморфологија, спелеогенеза, биоспелеологија, хидрогеологија, спелеоархеологија и др.) особено за Македонија, но и надвор од неа.
Текстовите во МСС се подредени во четири поглавја, според содржината и методологијата:
– Истражувања / прилози
– Научни и стручни трудови
– Информации
– Библиографија
Во поглавјето “научни и стручни трудови” се објавуваат научни и стручни трудови, чија структура е ограничена според стандардите за научни и стручни трудови и за чие објавување одлучува научниот одбор на МСС.
Поглавјето “истражувања/прилози” опфаќа текстови кои прикажуваат спелеолошки истражувања, експедиции, нови информации, скици и друга документација на пештери, како и помали прилози за пештерите и карстот во Македонија и странство.
Во поглавјето “информации” се објавуваат прилози за најновите достигнувања во спелеологијата и карстологијата во Македонија и светот, најновите истражувања и методи и техники на истражување, како и помали прилози за пештерите и карстот во Македонија и светот.
Поглавјето “библиографија” вклучува рецензии на публикации и референци на објавени трудови за карстот и пештерите во Македонија, референци на позначајни трудови од областа на карстологијата и спелеологијата, како и информации за одбранети магистерски и докторски трудови за спелеологија и карстологија за/во Македонија.
За објавувањето на текстови во овие три поглавја одлучува уредувачкиот одбор на МСС.
Текстовите во поглавјата “истражувања/прилози” и “научни и стручни трудови” се објавуваат целосно на македонски јазик или на англиски јазик, додека текстовите во поглавјата “информации” и “библиографија” се објавуваат исклучиво на македонски јазик.
Списанието е достапно во електронски формат на интернет страницата www.mss.speleo.mk.
ISSN 1857-7911
Авторски права:
Податоците изнесени во статиите и трудовите (текст, скица, карта, графички приказ, фотографија и сл.) на ова списание се авторски дела и како такви се заштитени со Законот за авторското право и сродните права (Сл.весник на РМ бр.23/05 и бр.131/07) и Законот за култура (Сл.весник на РМ бр.59/03).
Не е дозволено користење на наведените содржини за комерцијални цели и за изработка на други публикации без писмена дозвола од авторот. За подетални информации обратете се на уредништвото, поедини автори или спелеолошките клубови/друштва.
Користење на податоците во изворна форма е дозволено за образовни и научни цели, при што задолжително треба да се наведе изворот (автор, наслов, Македонско спелеолошко списание, бр.1/1, 2012).
Одговорноста за изнесувањето на податоците ја сносат самите автори.