Упатство за авторите

1. Содржина на текстот
2. Технички информации
3. Заштита на авторски права

СОДРЖИНА НА ТЕКСТОТ:

Трудот кој се објавува во списанието треба да биде од областа на спелеологијата или карстологијата. Трудовите во списанието се поместени во четири поглавја според содржината и методологијата:

–          Истражувања / прилози
–          Научни и стручни трудови
–          Информации
–          Библиографија

Поглавјето “Истражувања / прилози” се однесува за текстови кои прикажуваат спелеолошки истражувања, експедиции, нови информации, скици и друга документација на пештери, како и помали прилози за пештерите и карстот во Македонија и странство. Трудовите можат да бидат само на македонски јазик или само на англиски јазик.

За објавувањето на овие трудови одлучува уредувачкиот одбор на МСС.

Поглавјето “Научни и стручни трудови” се однесува за трудови кои имаат научен или стручен карактер, кои обработуваат теми од различни дисциплини на спелеологијата и карстологијата, односно пештерите и карстот (карстна геоморфологија, геологија, спелеоморфологија, спелеогенеза, биоспелеологија, хидрогеологија, спелеоархеологија и др.). Трудот може да биде само на македонски јазик или само на англиски јазик.

За објавувањето на овие трудови одлучува научниот одбор на МСС.

Во поглавјето “Информации” се објавуваат прилози за најновите достигнувања во спелеологијата и карстологијата во Македонија и светот, најновите истражувања и методи и техники на истражување, како и помали прилози за пештерите и карстот во Македонија  и светот. Прилозите можат да бидат само на македонски јазик.

За објавувањето на овие прилози одлучува уредувачкиот одбор на МСС.

Во поглавјето “Библиографија” се објавуваат рецензии на публикации и референци на објавени трудови за карстот и пештерите во Македонија, референци на позначајни трудови од областа на карстологијата и спелеологијата, како и информации за одбранети магистерски и докторски трудови за спелеологија и карстологија за/во Македонија. Прилозите можат да бидат само на македонски јазик.

За објавувањето на овие прилози одлучува уредувачкиот одбор на МСС.

ТЕХНИЧКИ ИНФОРМАЦИИ:

Текстовите треба да бидат подготвени во Word процесор и доставени во .doc или .docx формат. Страните треба да бидат во A4 формат со маргини:

Top:  2.5 cm;  Bottom:  2.5 cm;   Left:  2.5 cm;  Right:  2.5 cm;  Header:  2.5 cm;  Footer:  2.5 cm.

Максималната големината на текстот зависи од содржината, односно поглавјето на кое припаѓа:

поглавје (содржина)

бр. на страници

истражувања / прилози

5

научни и стручни трудови

15

информации

3

библиографија

2

Илустрациите (фотографија, скица, график, дијаграм, карта и др.) во трудовите треба да бидат вклучени во текстот. Тие треба да бидат прецизно изработени, со минимална резолуција од 200dpi и да бидат доставени како пооделни документи во (.jpg, .tiff, .gif). Илустрациите треба да бидат оригинални, или доколку се преземени да биде цитиран авторот. Авторот ја има обврската и одговорноста за обезбедување на дозвола за репродукција на илустрации, онаму каде што е потребно задоволување на авторски права.

Текстот треба да биде пишуван со фонт Verdana. За текст на македонски јазик треба да се користи македонската поддршка на фонтот. Големината на буквите е различна за различни делови од текстот (подетално е објаснето подолу).

Големина на фонт:

Наслов: фонт 11 со големи букви.
Автор (име и презиме, титула): фонт 10
Автор (адреса, институција, организација, и-мејл, веб страна): фонт 8 со искривени букви.

Главен текст: насловите на поглавјата со фонт 10 и големи букви, текстот со фонт 9.

Структура на текстот:

Секој текст, независно од содржината треба да има наслов, автор (еден или повеќе), главен дел и користена литература.

Насловот треба да е концизен и јасно да укажува на содржината на текстот, на македонски и англиски јазик.

За авторите покрај името и презимето, се пишува и титула, адреса, институција, организација, и-мејл.

Главниот дел од текстот може да биде различно организиран во зависност од содржината, но за научните трудови е задолжително да има:

–          извод (апстракт)
–          главен дел

  • вовед
  • материјали и методи
  • резултати
  • дискусија
  • заклучок

–          литература

Апстрактот (кај научните и стручните трудови) треба да има најмногу 300 зборови,  4 до 6 клучни зборови и да биде на македонски и англиски јазик. Големината на фонтот е 8, поднасловот е со големи и задебелени букви.

Во главниот дел поднасловите се пишуваат со фонт 10, а текстот со фонт 9. Кај илустрациите насловот (описот) се пишува на македонски и англиски јазик.

Цитирањето на автори во текстот се врши на следниот начин:

еден автор: (Колчаковски 2008); (Mihevc 2000)

двајца автори: (Колчаковски & Христовски 2008); (Mihevc & Lauritzen 1997)

тројца или повеќе автори: (Колчаковски и др. 2008); (Audra et al. 2007)

повеќе трудови од ист автор објавени во иста година: (Колчаковски 1999а, 1999б); (Mihevc 1999a, 1999b, 1999c)

Доколку името на авторот е наведено во контекст на реченицата, тогаш покрај него во заграда се пишува годината на објавување на трудот и соодветна буква ако во референците има повеќе трудови од истиот автор во наведената година:

– пр. “Од генетските типови, во близина на селото Раотинце, пред влезот во Дервенската Клисура, Манаковиќ (1957) регистрирал алувијални вртачи.”

Референците од користената литература  треба да бидат подредени под азбучен ред и да ја имаат следната структура:

за монографија:

Арсовски, М. (1997): Тектоника на Македонија, РГФ, Штип, 306.

за труд во списание:

Колчаковски, Д. (1999): Пештера “Алена” – Јакупица, Географски разгледи, 34, 171-176, Скопје

за повеќе трудови од ист автор објавени во иста година:

Колчаковски, Д. (1999а): Пештера “Алена” – Јакупица, Географски разгледи, 34, 171-176, Скопје

Колчаковски, Д. (1999б): Глацијален и периглацијален релјеф на планината Јабланица, Годишен зборник на Институтот за географија, ПМФ, 33-34, 15-38, Скопје

за интернет информација:

Railsback, B. (2000): An Atlas of Speleothem Microfabrics, http://www.gly.uga.edu/railsback/speleoatlas/SAindex1.html

Кратенка на Македонското спелеолошко списание при цитирање во референци:

македонски: Макед. спелео. спис.
англиски: Мaced. J. Speleology

 ЗАШТИТА НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА:

Податоците изнесени во статиите и трудовите (текст, скица, карта, графички приказ, фотографија и сл.) на ова списание се авторски дела и како такви се заштитени со Законот за авторското право и сродните права (Сл.весник на РМ бр.23/05 и бр.131/07) и Законот за култура (Сл.весник на РМ бр.59/03).

Не е дозволено користење на наведените содржини за комерцијални цели и за изработка на други публикации без писмена дозвола од авторот. За подетални информации обратете се на уредништвото, поедини автори или спелеолошките клубови/друштва.

Користење на податоците во изворна форма е дозволено за образовни и научни цели, при што задолжително треба да се наведе изворот (автор, наслов, Макед. спелео. спис., 1/1, 2012).

Одговорноста за изнесувањето на податоците ја сносат самите автори.

За секоја дополнителна информација слободно обратете се на нашиот и-мејл mss@speleo.mk.

УРЕДУВАЧКИ ОДБОР НА МСС
Јануари, 2012

Comments are closed.